Амбасадорот на Кралството Шведска во посета на Прилеп: Градот станува пример за современо управување со отпад

Општина Прилеп беше домаќин на Амбасадорот на Кралството Шведска во Република Македонија, Ола Сулстром, кој заедно со претставници од Амбасадата, шведската асоцијација SALAR и работната група од Општина Прилеп, ја посетија фабриката за селекција на отпад кај Алинци.
Станува збор за значаен проект со кој Прилеп се позиционира како лидер во државата во областа на селекцијата и современото управување со отпад.
При посетата беше истакнато дека континуираната работа, визијата и успешната соработка со меѓународните партнери придонесуваат Прилеп и Пелагонискиот регион да бидат препознаени како позитивен пример во Македонија.
Амбасадорот Сулстром посочи дека Прилеп и Пелагонискиот регион се меѓу водечките сили во земјата во рамките на овој проект, при што беше потенцирана важноста од понатамошно унапредување на системот за управување со отпад и пренесување на добрите практики и во останатите општини.
Во рамки на активностите за модернизација на системот за управување со отпад, интензивно се работи и на реализацијата на регионалната депонија во Новаци, каде што е предвидена и изградба на претоварна станица во Прилеп, во непосредна близина на фабриката за селекција. Со ова ќе се овозможи поефикасен транспорт на отпадот од повеќе општини до регионалната депонија, што претставува значаен чекор кон воспоставување на модерен и одржлив регионален систем.
Дополнително, градоначалникот Дејан Проданоски истакна дека деновиве се очекува пристигнување на уште едно од вкупно осумте нови возила за ЈКП ЈКП „Комуналец“ Прилеп, обезбедени преку Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во моментов се работи и на обезбедување електрично напојување до фабриката за селекција, а локалната самоуправа очекува наскоро нејзино ставање во функција. Со пуштањето во употреба, фабриката нема да ги задоволува само потребите на Прилеп, туку ќе овозможи и комерцијални услуги за селекција на отпад за соседните општини.
Општина Прилеп продолжува посветено да работи на создавање почиста животна средина, современа комунална инфраструктура и подобри услови за живот за сите граѓани.
Извор: prilep.gov.mk